Блог за езика на светите братя Кирил и Методий

Добре дошли!

Блог за езика на светите братя Кирил и Методий - за неговото минало, настояще и бъдеще

Всичко за мен

Архив на блога

Последователи

Четвъртък, Ноември 04, 2010

Съвременни текстове на автори от Р Македония

Първите три текста са от мой колега и приятел с ник-нейм Метафраст, който пише на изчистения от чуждици свой роден език:

Слово за воскресението на мртвите (или: кон политикантите што деца александрови се нарекуваат)

Се прашувам, во оној страшен ден, кога ќе се огласат трубите и кога Пресвета Троица со Збор ќе ја воскресне секоја човечка плот, и кога ангелите ќе ги соберат сите луѓе од четирите страни на светот пред лицето на Словото да дадат отчет за с`е и кога ништо не ќе остане сокриено и тајно, и кога секое дело ќе се објави и секоја човечка мисла ќе се разгласи, кога еден крај друг ќе застанат и Свети Климент со Славните Свети Архиепископи Охридски, Теофилакт, Лав, Хоматијан, Кавасила и Другите до последниот Оној Блажен Арсениј и Преподобниот Наум со Предобните Прохор, Гаврил, Јоан и Јоаким, Светиот Нектариј, Светата Злата со Новомачениците, Царот Свет Славен и Покрстител наш Оној Борис Михаил, Царот Самоил Честитиот Негов Последовател, уште и Теодосиј оној од Синај, Кирил смирениот Пејчинович и Партениј Зографски, се прашувам, кога ќе бидат таму и Филип и Александар Освојувачите и Аристотел оној славниот мудрољубец, се прашувам, кога ќе бидат таму и Лазо и Узун и Киро и Бранко и Премиерот и Љубчо, се прашувам, кога ќе бидат таму и клирот овој модерно македонски и историчарите наши синови на историчари- титови пионери, се прашувам, како тогаш кога Вистината ќе блесне како Молња и ќе осветли се од Истокот Светол па до западот оној темнион, тогаш кога нема да може да Ја засени нити најцрниот вел на блудницата по име француска револуција, се прашувам, тогаш кога славата на Александар и Филип ќе се покаже лажна, кога Александар ќе му рече на Хоматијана Оној Велик Маж и Пастир: ’леле тешко мене, светот го завојував, градови со оган освоив, ама еве сега оправдание никакво немам, Ти си Славен, оти Првосвештеник си на Бога Словото и си победил во Битки со духот на светот и Војната во Името на Творецот си ја добил, си ги победил страстите, си се осветил, си се Охристовил, си станал Бог по Благодат и ќе царуваш одсега па до века заедно со Браќата и Пријателите Твои во Христа... ах каков срам за мене кој високо мислев дека сум бог, а еве сега сум во редот на суетните и тираните‘... се прашувам, што ќе направат тогаш политикантите наши современици, кога оној на кого што се надеваа внуци славни да се наречат и со неговата слава да се закитат како кокошки некои што сакаат со перја на паун да се китат, се прашувам што ќе направат кога ќе видат дека и нивниот антички предок, чистокрвен, ќе има потреба од молитвената помош на Климента и Наума, чиишто храмови ги рушеа и славата нивна ја потценуваа, се прашувам уште, како ќе занемеат кога Александар Великиот ќе ги укори заради нивната љубов кон лагата и суетата, кога ќе ги укори и пред сите ќе ги засрами сите што се надеваа со неговата лоза да се слават и дичат, а глибеа во мита и корупции и со крвта на земјоделецот и смирениот како со кока-кола се опиваа, се прашувам, што ќе биде кога ќе ги слушнат зборовите александрови упатени до нив: ’толку полошо и поголем срам за вас бедни, кога велите дека сте плод на прекрасен корен и стебло, а еве овде смрдите во гнилеж и црвот на лицемерието ве јаде. Како сега кутри, вам ќе ви помогне моето кралство што до водите на Индискиот Океан го распространив? Како сега ќе ви помогне мојата фаланга, коњот мој Букефал за кого песни и химни испеавте и во бронза го облековте? Како бедни, како, кога и мене тоа не ми помага? Зошто Славното Слово го запоставивте? Зошто Отци Свети, Пастири и Покажувачи на Патот заборавивте? Се срамевте чеда нивни да се наречете, а еве сега од нивната Добродетел и Светлина помош треба да барате...јас помала осуда имам оти пред тие да се родат живеев, а вие...‘ се прашувам што тогаш ќе речат, или како ќе занемеат, сите што на зборовите робеспјерови и дидрови се надеваа, сите што градеа наука нова без Слово и Дух, како доилка некоја со суви гради, се прашувам како на нозе ќе доседат кога ќе го видат оној великиот Аристотел, за кого со лажни усни велеа дека им бил праотец, кај им вели: се фалевте со моите зборови, а делата мои не ги творевте, јас пред да се овоплоти Словото и Мудроста живеев и ревност и љубов и копнеж кон Словото и Мудроста од подвиг во подвиг ме водеше, а вие Го видовте, Го исповедавте и од Него се одрековте... О бедни како философи се нарекувавте, кога љубов кон мракот имавте? Мудроста Којашто сите ние ја баравме како човек што со фенер човек бара, сите ние за неа жеднеевме како сува земја што по дожд жеднее, сите ние за неа бевме готови и живот да положиме а вие ја распнавте и ја убивте Мудроста Онаа и Слово иако Е Бесмртна и Вечна... мислевте о бедни дека Го убивте, а Овој Тридневен се Издигна ко феникс...‘ се прашувам како сите ние тогаш ќе занемиме пред лицето на Правдата и Вистината, Пред лицето на Словото, се прашувам што ќе се случи тогаш, каква ли ќе биде пресудата, каква ли ќе биде милоста...каква...каква...каква...(?)

Јазици (учење или изучување)

Ќе се согласиме дека сите науки имаат за цел да ја откријат суштината на предметот што го изучуваат, да го откријат она што е непроменливо кај тој предмет, она што е општо правило, општ закон што го прави предметот да биде таков каков што е: и во однос на самиот себе и во однос на другите предмети. А кога велам предмет мислам и на појава, оти и за појавите важи истото. Така значи хуманистичките науки се стремат прво секоја посебно да ги откријат законитостите на својот предмет на изучување (Психологијата: човековата душа, Педагогијата: човековото образование, Социологијата: човековото општество, Политикологијата: политиката, Историјата: човековото минато преку пишаните извори, Археологијата: човековото минато преку материјалните извори и т.н., а потоа и здружено да ги откриваат законитостите што се однесуваат и на нивниот заеднички предмет на изучување и согледување, а тоа е ЧОВЕКОТ. А Философијата пак, на некој начин ги здружува (иако овие се одделиле од неа) и им помага, она до што дошла секоја наука посебно да биде ставено во сооднос и од сето тоа да се дојде до она Едно Правило, или еден Општ Закон, Општ Логос, Општо Слово што е суштинско за ЧОВЕКОТ, кое раководи со сите останати законитости и правила посебно, и од коешто потекнуваат и сите други правила конкретно. И во секојдневниот наш живот, во нашиот однос кон луѓето, кон нашите пријатели или непријатели, сите наши напори и дела се насочени кон спознанието на човекот што е пред нас, а тоа значи запознавање на неговата суштина, на неговата душа, или на неговиот карактер како што велиме денес, а тоа значи дека треба да се испитуваме и себе си, да се спознаваме себе си, а и да се стремиме да го запознаеме ЧОВЕКОТ општо. Ќе се согласиме дека овој Општ Логос, овој Општ Закон, ова Општо Слово, или законите што се однесуваат на човечките аспекти посебно, не се однесуваат на човековата материјалност (градивност), ами на човековата внатрешност, на човековата душа. Како сега, ќе праша некој, ќе дојдеме до човековата внатрешност, како ќе ја согледуваме, како ќе дојдеме до општите нејзини законитости кога нашите сетила ја гледаат, слушаат, мирисаат, вкусуваат и допираат само материјата? Зарем можеме со очите да ја здогледаме душата на ЧОВЕКОТ? Внатрешноста се разбира не, но внатрешноста се манифестира преку материјалноста. Па така, испитувајќи ги материјалните манифестации ние ја согледуваме и внатрешноста. Ги гледаме пирамидите и дознаваме нешто за душата на Египтјаните, ги читаме делата на Аристотел и дознаваме за неговата душа посебно и душата на античкиот научник општо, па и на античкиот ЧОВЕК уште поопшто. Го читаме романот на Достоевски: „Браќа Карамазови“ и ја познаваме душата на нихилизмот, гледаме филм и целиме кон карактерните особини на ликовите, кои пак можат да бидат и конкретни ликови во конкретни услови и конкретно време. Ги гледаме надворешните и материјални постапки на нашиот сосед и според нив заклучуваме за неговиот внатрешен и душевен карактер. Ја слушаме музиката на некој композитор и донесуваме заклучоци за неговиот поглед на свет и неговите желби и страсти. Гледаме во очите на пријателот, а преку нив како да гледаме во неговата душа. Ќе се согласиме, сигурен сум во тоа, дека јазикот е една од манифестациите на духот, и тоа една од поконкретните, поегзактните, померливите, попрецизните манифестации на духот. Некои философи се на мислење дека јазикот е манифестација на човековата мисла и како што без мисла нема јазик така и без јазик нема мисла. Изучувајќи го јазикот на еден народ, на една култура, на една цивилизација вие практично ги изучувате и спознавате покрај конкретните настани поврзани со таа цивилизација кои се напишани и документирани на тој јазик, ами изучувајќи ја структурата на нивниот јазик, вие исто така ги спознавате и аспектите на нивната мисла, нивната логика и нивното потсвесно. Причината во еден јазик да постојат посебни облици за пасив, а во други не, во едни јазици да постои минато свршено време, а во други не, во едни да постојат активни глаголски придавки, а во други не, во едни да постојат глаголски облици за минато, сегашно и идно време, а во други да постојат само глаголски облици за дејство што се врши по прв пат и за дејство што веќе било извршувано, во едни јазици зборовите да се сложуваат по падежи, а во други не и уште бесконечен број на разлики лежи точно во различните логики, различните психологии, различната мисла и различната потсвест на секоја култура посебно. Зошто во македонскиот јазик зборот „маса“ е од женски род, а во турскиот категоријата род воопшто и не постои? Зарем тоа не одразува едно делче од мислата? Едно е јазиците да се учат, а друго е да се изучуваат. Ги учиме јазиците за да можеме да ги разбираме или читаме конкретните искази за конкретните ситуации напишани или изречени на тој конкретен јазик. Ги учиме за да можеме да прибереме информации, да ги обработиме и да донесеме конкретни заклучоци. При учењето на јазиците ги учиме граматичките правила како правила, без да размислуваме зошто е ова правило вакво, а не инакво, без да навлегуваме во суштината на јазикот, и тоа е доволно за да воспоставиме комуникација. При изучувањето пак на јазикот, се прашуваме зошто е ова граматичко правило вакво, зошто е во овој јазик ова вака, а во друг инаку, која е причината, кое е словото, која е суштината на овој јазик, а со тоа се прашуваме, доаѓаме до одговори и ја спознаваме мислата на луѓето кои се изразуваат на тој јазик, доаѓаме до некои заклучоци за мислата на Англосаксонците, за мислата на Французите, за мислата на Германците, Италијаните, за мислата на Русите, за мислата на Латините, за мислата на Хелените, за мислата на Индијците, Кинезите, Ацтеките и сите други народи и цивилизации, помали или поголеми во едно или во друго. Учејќи го јазикот ние учиме да разбираме и зборуваме на тој јазик, а додека пак, изучувајќи го, ние го спознаваме духот и мислата на ЧОВЕКОТ, дел по дел, малку по малку, ама го спознаваме во мерата во којашто може духот воопшто да биде и спознат. Се разбира во учењето на некој странски јазик не е неопходно освен мајчиниот да се знаат и други јазици: се учат и вежбаат правилата на изговор, правилата на морфологијата, правилата на синтаксата, правилата на зборообразувањето и тоа е доволно, но во изучувањето потребно е да се знаат што е можно јазици повеќе. Оти, за да се размислува за некоја јазична појава, зошто е таа таква, треба да се знае каква е оваа појава во некој друг јазик, размислувањето имено, во еден свој аспект е донесување на нештата за кои размислуваме во некој сооднос, а за да има сооднос треба да постојат повеќе страни што ќе го направат тој сооднос. На изучувањето на јазикот општо, му претходи учење на што повеќе конкретни јазици, па дури потоа ќе може да се размислува за нив, да се прашуваме и да доаѓаме до одговор. При тоа, особено е нужно и познавањето на историскиот развој на јазиците: зошто и како тоа денес да изговараме еден збор вака, а пред еден век сме го изговарале инаку, зошто Римјаните изговарале вака, а Французите денес изговараат онака, значи нужно е да имаме еден низвременски поглед на нештата во јазикот, да ја познаваме неговата историја. Токму тука се гледа и ползата од познавањето на класичните јазици: хеленски, латински, црковнословенски, хебрејски, санскрит и други. Прво ги согледуваме јазичните појави во класичните јазици, ја изучуваме нивната логика и психика, а потоа ги изучуваме појавите во нивните рожби: современите јазици што потекнуваат од нив. Од голема помош, се разбира, е и современото (синхроното) познавање на јазикот: зошто во Преспа изговараме вака, а во Струмица онака и т.н., но тоа доаѓа подоцна. Правиме разлика сега помеѓу учење и изучување на јазик? Учењето на јазикот му претходи на изучувањето. Без да го знаеме јазикот нема да можеме да го изучуваме, да го испитуваме, но изучувањето на јазикот е она што помага во процесот на познавањето на мислата на еден народ, а не учењето. Учењето на јазикот му помага на изучувањето на јазикот, а изучувањето пак на јазикот му помага на спознанието на мислата, а спознанието на мислата нам како философи, ќе се согласите, ни е најважно. Ете затоа оној што прво ги учи, а потоа и ги изучува класичните јазици има широк видокруг и лесно може да се вклопи во било која средина на човековото знаење и да истражува во неа со голем успех, оти тој има знаење за човековата мисла општо, има знаење на словото, за логосот. Зарем залудно се нарелува филолог (оној што го љуби логосот)? Не, тој се нарекува филолог оти го љуби и почитува логосот, словото мислата. Го изучува материјалното писмо и преку тоа го запознава и го спознава духовното слово. Та, како ќе може да го ЉУБИ ако не го ПОЗНАВА? Ќе се согласиме, сигурен сум во тоа, да се ЉУБИ во исто време значи и да се СПОЗНАВА.

Радувајте се о словољупци (фиолози) оти вам си се открија скриените тајни на јазикот, скриените тајни на мислата на човекот, скриеното слово ви се откри, скриениот логос... да, да пак ќе речам: радувајте се!

За коренот на којшто му дале живот

Сега видов на ТВ едно бате, дојде како гостин во една од оние емисии од типот „Јадење за тројца“ каде што со голем восхит убавата водителка ги најавува своите гости со ветување дека сега ќе го изнајдат одговорот на прашањето како да се биде среќен, како да се добие душевен мир, како да се сакаме, како да се живее и други некои прашања коишто вистинските философи со најголем прегор се стремеле и се стремат да ги одговорат векови на назад (а овде се одговараат во емисија од 2 саати)... доаѓа батево и `и носи на водителката за поклон еден корен, нафарбан со боја и лак, во којшто му ставил сијалица и кабел (за да свети навечер на ветрината на којашто ќе го стават). Водителката со голем восхит го прима подарокот кој некогаш бил корен, а батево вели: „уште е корен“, вие можеби ако го сретневте на улица ќе го клоцневте, ама јас го зедов и му дадов живот и еве сега повелете... Хехехе, тој му дал живот... Бог да чува... шо живот му дал бе... го зел, го нафарбал, сијалица му ставил внатре и живот му дал... тешко нам ако е живот сијалица во корен намачкан со боја и лак, особено ако е наменет да го ставиш на ветрина како експонат. Не, јас велам обратно, живот за тој корен е баш да биде клоцан на улица, да биде исфрлен во реката, да изгние во земјата, или да го изеде некој зајак или да ми простите, да го измоча некој пес скитник, ако се работи за некој градски корен од Скопје, а не да биде нафарбан и со сијалица и кабел да биде поставен на ветрина кај дамата из лондона. И доста ми е од слатки зборови, сите кажуваме, сите зборуваме како требало да се живее, зборови од слатки послатки... а бе остај зборови, дела, дела, дела каде има... Батево зборува колку било убаво да се живее скромно, во хармонија со природата, дека не биле потребни најнови мобилни телефони, не знам колку кошули, не знам какви јадења, а за време на рекламите на ТВ каде што е гостин рекламираат најмодерен мобилен телефон, ДВД плеери, екстра понуда Анталија- хотел со 5 ѕвезди и не знам што уште не, а батево зборвит каков мир имало на Хималаи, кога го освоил Врвот... а бе циркус...